Mutlu Demirtaştan
13 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
МОСКВА - Роберто Манчини постигна договор со рускиот фудбалски клуб „Зенит“ за прекин на Договорот за да ја преземе клупата на Фудбалската репрезентација на Италија, јавува Anadolu Agency (AA).
Клубот од Петерсбург објави дека раскинувањето на Договорот е спогодбено и дека утре треба да влезе во сила.
Во соопштението се наведува дека Манчини се откажал од отштетата, што значи дека се откажал од 13-те милиони евра колку што би заработил ако остане на клупата на рускиот клуб.
Наместо тоа, Манчини најдоцна до среда треба да потпише договор со Фудбалскиот сојуз на Италија.
Италијанските медиуми велат дека Манчини како селектор на Италија треба да заработи два милиона евра годишно со потенцијални бонуси за пласман на Европското првенство во 2020 година. Исто така, со Договорот е оставена можноста за негово продолжување до јуни 2022 година.
Манчини на клупата на „азурите“ треба да дебатира на 28 мај во пријателскиот натпревар против Обединетите Арапски Емирати.
Италијанскиот национален тим нема селектор од ноември минатата година, кога по елиминацијата од Шведска во баражот за Светското првенство беше сменет Џамперо Вентура. За привремен селектор е именуван Луиџи Ди Биаџо, актуелниот шеф на стручниот штаб на младинската репрезентација на Италија (У21).
Манчини, кој имаше одлична кариера како тренер, ја водеше Фиорентина, Лацио, во два наврати Интер, Манчестер Сити, Галатасарај и Зенит.