Dejan Maksimoviç
22 Февруари 2019•Ажурирај: 24 Февруари 2019
ЛОНДОН (AA) – Фудбалскиот сојуз на Англија (FA) го казни Јурген Клоп, менаџерот на Ливерпул, со 45.000 фунти (околу 52.000 евра) бидејќи кон почетокот на овој месец го критикувал судењето на Кевин Френд на натпреварот од Премиер лигата против Вест Хем, пренесува Anadolu Agency (AA).
Клоп по средбата со Вест Хем изјави дека судијата Френд, откако го признал голот на Ливерпул од офсајд, имал неуедначени критериуми претежно на штета на неговиот тим. Натпреварот, кој е игран на 4 февруари е завршен со резултат 1 : 1.
„Слушнав дека нашиот гол е постигнат од офсајд. Прилично сум сигурен дека судијата тоа го знаеше во второто полувреме. Во ситуациите 50-50 или 60-40 тоа секогаш беше слободен удар за противничкиот тим. Поради тоа ни беше тешко и доста ни ја отежна работата“, рече Клоп по натпреварот со Вест Хем.
FA во образложението на казната наведе дека Клоп го загрозил интегритетот на судијата и упатувал на неговата пристрасност.
Садио Мане беше асистент за голот на Џејмс Милнер од офсајд, со кој Ливерпул во 22. минута поведе со 1 : 0. Бод на Вест Хем му донесе Михаил Антонио со погодок во 28. минута.