Ekipa
03 Септември 2017•Ажурирај: 04 Септември 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Репрезентацијата на Хрватска ја победи селекцијата на Косово во синоќа започнатиот, а денес продолжениот меч во квалификациите за Светското фудбалско првенство во Русија следната година, јавува Anadolu Agency (AA).
Мечот од седмото коло за квалификација во групата “I“ меѓу Хрватска и Косово беше прекинат синоќа при резултатот 0:0 во 22. минута, поради обилните врнежи и несоодветниот терен. Претставниците на двете селекции, делегати, судии и претставници на Светската куќа на фудбалот (ФИФА) и Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) се договорија мечот да го продолжат денес на стадионот Максимир, на кој откако дождот престана условите за игра беа подобри.
Во согласност со правилата на ФИФА, натпреварот беше продолжен во 22. минута со идентични постави на терен, а гледачите со влезниците од синоќа можеа и денес да ги заземат своите места на трибините.
Избраниците на хрватскиот селектор Анте Чачиќ го оправдаа епитетот на фаворит, и славеа победа со резултат 1:0, со што се вратија на лидерската позиција во квалификациската група.
Условите на теренот ни денес не им дозволија на фудбалерите да прикажат убава игра со атрактивни потези, а повеќе сила и одлучност покажаа популарните „огнени“, кои веќе во вторник ги очекува тешко гостување во Турција.
По неколку шанси Хрватска во водство дојде во 74. минута кога одличниот центаршут на Лука Модриќ беше претворен во гол од страна на Домагој Вида.
По седум одиграни натпревари Хрватска е лидер во групата “I“ со 16 освоени поени, втора е Украина со14, трет Исланд со 13, додека Турција има 11 поени. На дното од табелата се наоѓа Финска со четири, и дебитантот Косово со еден освоен поен.