Dejan Maksimoviç
18 Февруари 2017•Ажурирај: 19 Февруари 2017
МАНЧЕСТЕР (AA) – Џозеф Пеп Гвардиола за британските медиуми изјави дека никогаш нема да се врати во Барселона да биде тренер. Повод за ова беше огромниот притисок под кој се наоѓа Луис Енрике, актуелниот тренер на Барселона, јавува Anadolu Agency (AA).
Имено, по поразот од Парис Сен-Жермен со резултат од 0:4 во првиот натпревар од осмина финалето во Париз, Енрике се најде на удар на каталонската јавност. Веднаш се појавија и медиумски шпекулации дека постои можност, доколку дојде до смена на Енрике, Гвардиола повторно да седне на клупата на Барселона, клубот со кој освоил дури 14 трофеи и во кој ја започнал играчката и тренерската кариера.
„Никогаш нема да се вратам во Барселона да бидам тренер. Мојот период таму заврши", кратко и јасно порача Гвардиола, а потоа се осврна на ФА купот и натпреварувањето во кое Цити денас го чека натпревар од осмина финалето:
„Во Шпанија играме два натпревари во Купот на кралот. Преферирам таков систем на натпреварување. Можеби поради преголемиот број натпревари, добри би биле продолжетоци и пенали. Но, во ред, не сум тука да одлучува за правила по кои ќе се игра, тука сум да играм во натпреварувањето за кое одлука донеле раководните луѓе."