Dejan Maksımovıc
27 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, веќе започна да размислува за тоа како да најде замена на 31-годишниот Серхио Агуеро, иако неговиот договор трае до летото 2021 година. Тој изрази надеж дека Аргентинецот сепак ќе одлучи да остане на „Етихад“, бидејќи во спротивно пронаоѓањето замена за него би бил еден од најголемите предизвици во кариерата на Гвардиола, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Агуеро неодамна рече дека сериозно размислува по истекот на сегашниот договор да се врати во Аргентина.
„Може да остане, но тоа зависи од неговата физичка состојба и од неговата желба. Да се пронајде замена за него ќе биде еден од моите најголеми предизвици, бидејќи тој е незаменлив. Имаме неверојатен напаѓач, може ќе дојде и уште некој кога Агуеро ќе замине, но тој е незаменлив“, рече Гвардиола.
Агуеро е најдобар стрелец во историјата на Манчестер сити. За „граѓаните“ тој постигна 244 гола, а еден од најзначајните е погодокот од 2012 година против Квинс Парк Ренџерс за титулата шампион на Англија, по 44 години чекање.
„Тоа е најважниот момент на овој клуб, многу поважен отколку кога, да се надеваме, би ја освоил Лигата на шампионите. Тој момент е многу подобар од четири пехари во една сезона, а тој беше тоа момче“, истакна Агуеро.
Освен за Сити, големиот напаѓач во текот на кариерата играше во Индепендиенте и Атлетико Мадрид. За репрезентацијата на Аргентина одигра 97 натпревари и постигна 41 гол.