Dejan Maksimoviç
18 Јануари 2018•Ажурирај: 19 Јануари 2018
ЛОНДОН (АА) - Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, денес изјави дека Алексис Санчез веројатно ќе премине во редовите на големиот ривал Манчестер Јунајтед, пренесува Anadolu Agency (AA).
На Санчез во јуни му истекува договорот со Арсенал и смета дека со клубот од Олд Трафорд може да договори добри лични услови, слични на оние кои ги имал кај „топџиите“.
„Работам на трансфери веќе 30 години, така што ова ми изгледа дека веројатно ќе се реализира, иако во секој момент може сѐ да се сврти“, изјави Венгер за британските медиуми.
Францускиот тренер ја потврди можноста дека во реализацијата на трансферот ќе го вклучи и Хенрих Мхитарјан, кој како дел од договорот на двата клуба би дошол во Арсенал.
„Ми се допаѓа Мхитарјан. Игравме многупати против него кога беше во Борусија Дортмунд. Висината на платата не би била проблем“, појасни Венгер.
Менаџерот на Арсенал додаде дека чилеанскиот репрезентативец, доколку не се реализира трансферот, во сабота ќе игра против Кристал Палас, и покрај неговата желба да го напушти клубот и да премине во Јунајтед.
„Сѐ додека не ја премине линијата, мора да прифатите дека тој трансфер можеби нема да се случи. Ваквите работи не се загарантирани. Немам проблем со ставот на Санчез. Тој на вчерашниот тренинг беше целосно посветен. Има 29 години и следниот договор му е од голема важност“, истакна менаџерот на Арсенал.
Санчез во Арсенал стигна во 2014 година од Барселона. За лондонскиот клуб, 29-годишниот напаѓач од крилна позиција одигра 165 натпревари и постигна 80 голови. За време на кариерата Санчез играше и за Кобрелоа, Коло-Коло, Ривер Плата и Удинезе. Во дресот на репрезентацијата на Чиле настапи 119 пати со 39 погодоци.