Bedrudin Brlyavac
10 Декември 2019•Ажурирај: 15 Декември 2019
РИМ (АА) - Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти, изјави дека нималку не го плашат медиумските гласини дека би можел да добие отказ од Наполи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Поради лошата финансиска ситуација во клубот и лошата игра, италијанските медиуми пишуваат дека Анчелоти по натпреварот со Генк во Лигата на шампиони ќе добие отказ. Дури постои и можност Анчелоти сам да даде отказ и да замине во Арсенал, кој е во потрага по тренер.
Во пресрет на натпреварот против Генк, Анчелоти изјави дека тренерот никогаш не може да се опушти поради природата на својата работа.
„Торбата на тренерот е секогаш спакувана, никогаш не можете да се опуштите“, рече Анчелоти пред новинарите и додаде:
„Нормално е во вакви ситуации да се преиспитува позицијата на тренерот. Јас сум подготвен. Такво нешто веќе искусив во минатото. Не ме плаши она што понатаму би можело да се случи“, рече тој.
Наполи моментално е на 7. место во Серијата А, но би можел да се избори за пласман во осминафиналето на Лигата на шампиони. Натпреварот помеѓу Наполи и Генк се игра денес.