Dejan Maksimoviç
17 Септември 2018•Ажурирај: 18 Септември 2018
ТОРИНО (АА) - Според Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус, актуелниот шампион на Италија ќе го казни Даглас Коста, кој на вчерашниот натпревар со Сасуоло плукна противнички играч поради што доби црвен картон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јасно е дека Коста за плукањето на гостинскиот играч од средниот ред, Федерико ди Франческо, кој претходно го удри, ќе биде ригорозно казнет од страна на Фудбалскиот сојуз на Италија, но го чека и санкција од клубот.
„Правилна работа е клубот да го казни, и ќе биде казнет. Бев изненаден од неговата реакција. Примивме гол, добивме црвен картон и го чека суспензија која ќе биде многу долга“, рече Алегри по натпреварот со Сасуоло.
Бразилскиот фудбалер доцна синоќа преку социјалните мрежи јавно се извини за неспортскиот потег што го направи. Но, тоа нема да му помогне да ја избегне казната на Сојузот и на Јувентус.
Инаку, инцидентот од завршницата на натпреварот ја засени прекрасната игра на Кристијано Роналдо и неговите први голови за Јувентус, со кои ѝ донесе триумф на „старата дама“ со резултат од 2 : 1, продолжение на совршениот почеток во Серијата А. Всушност, Јувентус во досегашните четири кола ги оствари сите победи и со 12 бода е осамен на врвот на табелата.