спорт

Австралија по вторпат му ја укина визата на Ѓоковиќ

„Владата на Морисон е цврсто посветена на заштита на границите на Австралија, особено во однос на пандемијата на Ковид-19“

Can Erözden  | 14.01.2022 - Обновена : 17.01.2022
Австралија по вторпат му ја укина визата на Ѓоковиќ

АНКАРА (АА) - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, светскиот рекет број 1, повторно се соочува со депортација, откако австралиската Влада му ја укина визата по вторпат, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот за имиграција, Алекс Хоук, денеска изјави дека го искористил своето овластување за да ја укине визата на 34-годишниот српски тенисер, поради јавен интерес, само три дена пред почетокот на Австралија опен.

„Оваа одлука следи по одлуката на Федералниот окружен и семеен суд од 10 јануари 2022 година, за поништување на претходната одлука за укинување, поради процедурална правичност“, додаде тој.

Хоук, исто така, изјави дека „внимателно ги разгледал информациите“, кои му биле доставени од Министерството за внатрешни работи, австралиските гранични сили и од Ѓоковиќ, деветкратниот шампион на Австралија опен.

„Владата на Морисон е цврсто посветена на заштита на границите на Австралија, особено во однос на пандемијата на Ковид-19“, додаде Хоук, заблагодарувајќи се на австралиските јавни служби за кои нагласи дека им служат на интересите на земјата во тешки времиња.

Покрај тоа, Ѓоковиќ најверојатно ќе се соочи со тригодишна забрана за нова австралиска виза.

Ѓоковиќ на 4 јануари изјави дека му било одобрено медицинско изземање од вакцинација против Ковид-19, но по неговото пристигнување, австралиските гранични сили му ја откажаа визата поради неисполнување на условите за влез во земјата во врска со Ковид-19.

Откако светскиот рекет број 1 беше испратен во хотел за мигранти во Мелбурн, Федералниот суд нареди негово ослободување.

Австралија им наложи на сите учесници да бидат целосно вакцинирани против Ковид-19 за да се натпреваруваат на првиот овогодишен голем тениски турнир.

Новак Ѓоковиќ, деветкратниот шампион на Австралија опен, се соочи со ризикот да не учествува на овој турнир бидејќи не откри дали има примено вакцина против Ковид-19 или не. И покрај тоа, Ѓоковиќ доби специјална дозвола од организаторите за учество на турнирот, што предизвика бурни реакции во Австралија.

Австралија опен ќе се одржи во Мелбурн од 17 до 30 јануари.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.