Erbil Başay
27 Мај 2018•Ажурирај: 28 Мај 2018
БЕРЛИН (АА) - Група неидентификувани напаѓачи утринава извршија напад врз џамија во Берлин и на ѕидовите на објектот испишаа заканувачки пораки, јавува Anadolu Agency (AA).
Цел на нападот беше џамијата „Јунус Емре“ во местото Веддинг во Берлин, која работи под покровителство на Турската исламска заедница.
Напаѓачите на ѕидовите на џамијата напишаа „Африн“ и неколку заканувачки пораки на германски јазик, а се претпоставува дека нападот е дело на поддржувачите на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Челникот на Здружението кое раководи со овој верски објект, Кенан Куртбекер, за АА изјави дека нападот се случил во моментот кога верниците ја извршувале утринската молитва.
Тој, исто така изјави дека напаѓачите побегнале кога слушнале дека верниците излегуваат и дека така бил спречен поголем напад врз џамијата.
За нападот е известена германската полиција која излезе на терен и изврши увид.
Џамијата ја посети и генералниот конзул на Турција во Берлин, Мустафа Челик.
Турските сили во јануари оваа година покренаа антитерористичка операција „Маслинова гранка“ во сирискиот град Африн, а оттогаш поддржувачите на терористичката организација ЈПГ/ПКК извршија голем број напади врз џамиите во Германија.
ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата на терористички групи во Турција, САД и ЕУ. Иако Германија забрани дејствување на ПКК уште во 1993 година, околу 14.000 поддржувачи на оваа организација се активни во земјата. Турција често ги критикува германските власти поради непреземањето на конкретни чекори во борбата против терористите на ПКК.