Ekipa
25 Мај 2022•Ажурирај: 26 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Северна Кореја изврши три тестирања на балистички ракети во правец на Јапонското Море, вклучително и најверојатно тестирање на интерконтинентална балистичка ракета, соопшти јужнокорејската војска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Началниците на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја изутрината го детектирале лансирањето од подрачјето на Сунан во близина на главниот севернокорејски град Пјонгјанг“, објави новинската агенција „Јонхап“.
Со последното тестирање, од почетокот на оваа година Северна Кореја има истрелано 17 проектили.
Последната ракетна проба се случи само еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден ја заврши посетата на Азија.
Пред посетата на Бајден, американски официјални претставници предупредија дека Северна Кореја можно е да спроведе ракетни или нуклеарни тестови за време на посетата на претседателот на Јужна Кореја и Јапонија.
„Првото од трите лансирања го вклучува и најверојатно тестирањето на интерконтинентална балистичка ракета која летала околу 360 километри на височина од 540 километри“, објави агенцијата, цитирајќи ја изјавата на Здружениот штаб.
Второто тестирање било реализирано со балистичка ракета со краток дострел, која, според Здружениот штаб, достигнала височина од околу 20 километри, што покажало дека најверојатно тестирањето било неуспешно.
Третото тестирање исто така било тестирање на балистичка ракета со краток дострел. Таа, според Здружениот штаб, прелетала околу 760 километри на апогеј од 60 километри.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол свика итен состанок за национална безбедност и остро го осуди лансирањето на балистичка ракета од страна на Северна Кореја.
„Присутните [на состанокот] го дефинираа лансирањето на севернокорејската ракета како сериозна провокација што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, ги зголемува тензиите на Корејскиот Полуостров и во североисточна Азија, и го загрозува меѓународниот мир и остро го осудија тоа“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Јун.
За време на посетата на Јужна Кореја во саботата, Бајден рече дека САД ќе го заштитат својот сојузник од каква било закана бидејќи двете земји се согласиле да ги прошират мерките за одвраќање на Северна Кореја.
Од минатата година, тензиите на Корејскиот Полуостров се зголемија, откако и северот и југот се вклучија во чести воени вежби како демонстрирање на моќ.