Davut Demircan
03 Јуни 2020•Ажурирај: 03 Јуни 2020
АМАН
Јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, вчера предупреди на сериозните последици од односите на неговата земја со Тел Авив и мирот во регионот, доколку Израел анектира делови од Западниот Брег и Јорданската Долина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението издадено од Министерството за надворешни работи на Јордан, Сафади преку видеоконференција учествуваше на состанокот на министри на Комитетот за врски „Ад Хок“ (Ad Hoc Liaison Committee AHLC) за помош на Палестинците.
Сафади рече дека спречувањето на анексијата на Израел на Западениот Брег значи заштита на мирот.
„Нашата порака мора да биде јасна. Одлуката за анексија на Израел нема да биде неодговорена. Доколку се примени одлуката за анексија, ќе започне насилен конфликт и опцијата за дводржавно решение ќе биде невозможна. Можностите за сеопфатен мир ќе бидат уништени“, рече Сафади.
Израел се очекува да ја спроведе анексијата на 1 јули, како што беше договорено меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и Бени Ганц, шефот на партијата „Сино-бели“.
Планот доаѓа како дел од т.н. „Договор на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, кој беше објавен на 28 јануари. Според договорот, Ерусалим (Кудс) се смета за „неделива престолнина на Израел“ и го признава израелскиот суверенитет над големи делови на Западниот Брег.
Планот предвидува формирање на палестинска држава во форма на архипелаг, поврзан со мостови и тунели.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анектира 30-40 отсто од Западниот Брег, вклучително и целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).