Servet Günerigök
03 Јуни 2020•Ажурирај: 03 Јуни 2020
ВАШИНГТОН
Илјадници демонстранти се собраа на мирни демонстрации во Вашингтон, Њујорк и многу други градови во Соединетите Американски Држави (САД), во знак на протест против смртта на Џорџ Флојд (46), невооружениот Афроамериканец кој минатата седмица почина за време на апсење, во Минеаполис во државата Минесота, откако бел полицаец го собори и неколку минути го држеше своето колено на неговиот врат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Паркот Лафајет од спротивната страна на Белата куќа, каде што демонстрантите тргнаа, аплаудираа и скандираа пароли, меѓу кои: „Црните животи се важни“, „Џорџ Флојд“, и „Нема правда, нема мир“, повторно беше жариште на протестите.
Демонстрантите се собраа како и во претходните денови, да изразат огорчување поради смртта на Флојд, што предизвика мирни, но и насилни протести низ земјата, кои беа проследени со грабежи и вандализам.
Паркот во Вашингтон беше затворен со висока метална ограда. Бритни, жена припадничка на црната раса од Мериленд, која не сакаше да го открие презимето, рече дека сака да биде дел од „разноликоста“ на луѓето кои се собираат на протести.
„Сакам да ме видат“, нагласи Бритни.
Пеги Ли, која живее во Вашингтон, од азиско-американската заедница, рече дека е изреволтирана од видеоснимката од апсењето на Флојд, поради што е покренат бран протести во САД.
„Дојдов тука да искажам солидарност со групата „Црните животи се важни““, рече Ли.
Во главниот град на САД е воведен полициски час, кој е во сила од 19:00 до 6:00 часот наутро.
Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување беа објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како полицајците му ставаат лисици и го спуштаат на земја, а едниот од нив го притиска коленото врз вратот на Флојд. Тие тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати рекол дека не може да дише, полицаецот не го кренал коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница.
Неговите последни зборови „Не можам да дишам“ станаа слоган на протестите низ државата.
Со независна аутопсија вчера беше соопштено дека Флојд починал од задушување поради континуиран притисок.