Американски советник: Суданската Армија и РСФ се согласиja за хуманитарен план за примирје во Судан
„Двете страни се согласија во принцип и досега немаме забележано почетни приговори од ниту една од нив. Сега се фокусираме на фините детали“
ИСТАНБУЛ (АА) – Високиот советник на САД за арапски и африкански прашања, Масад Булос, изјави дека се во тек напори за постигнување хуманитарно примирје во Судан, откако суданската Армија и паравоените Сили за брза поддршка (RSF) се согласиле во принцип со почетен план, јавува Анадолу.
„Двете страни се согласија во принцип и досега немаме забележано почетни приговори од ниту една од нив. Сега се фокусираме на фините детали“, изјави Булос вчера, пренесе порталот „Судан трибјун“.
Булос нагласи дека тековната иницијатива, која има за цел постигнување заемно разбирање за целосен прекин на огнот и фаза по примирје во Судан, е во рамки на договорот постигнат од Меѓународниот квартет во Вашингтон во септември.
На 12 септември, квартетот составен од САД, Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) повикаа на тримесечно хуманитарно примирје во Судан, со цел овозможување испорака на итна помош во сите области – како чекор кон траен прекин на непријателствата.
Комитетот предводен од САД, исто така, предложи деветмесечен транзициски процес по иницијалното примирје, кој би овозможил формирање независна, цивилна влада во Судан.
Булос истакна дека во моментов нема директни или индиректни преговори меѓу РСФ и суданската Армија, но дека процесот се води преку посебна американска дипломатска комуникација.
Тој ја опиша хуманитарната состојба во Ел-Фашер, главниот град на Северен Дарфур, како „многу итна и болна“, нагласувајќи дека Вашингтон ги осудува злосторствата врз цивилите во градот.
На 26 октомври, РСФ го зазеде градот Ел-Фашер и, според локални и меѓународни организации, изврши масакри врз цивилите, што предизвика стравувања дека нападот може да доведе до територијална поделба на Судан.
„Нашата примарна загриженост сега е итно справување со хуманитарната состојба, постигнување траен мир и зачувување на единството на Судан“, рече Булос.
Во објава на американската социјална мрежа X денес, советникот повторно ги осуди „ужасните злосторства против цивилите во Ел-Фашер“ и повика на итна акција за заштита на населението и запирање на насилството.
Неговите најнови изјави дојдоа по средбата со генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абу ел Гејт, на која биле разгледани најновите случувања и итните предизвици во регионот.
Од 15 април 2023 година, суданската Армија и РСФ се во војна која регионалните и меѓународните посредници сè уште не успеале да ја прекинат. Конфликтот досега однесе илјадници животи и предизвика раселување на милиони луѓе.
             