Кина укина некои од царините за увозот од САД
Одлуката доаѓа по средбата што се одржа минатата недела во Јужна Кореја меѓу кинескиот претседател Си Ѓинпинг и неговиот американски колега Доналд Трамп, на кој двете страни постигнаа договор за едногодишна соработка во трговијата и царините
ИСТАНБУЛ (АА) – Кина денес соопшти дека ќе ги укине дополнителните царини од 24% воведени за одреден увоз од Соединетите Американски Држави (САД) на период од една година, пренесоа државните медиуми, јавува Анадолу.
Одлуката доаѓа по самитот што се одржа минатата недела во Јужна Кореја меѓу кинескиот претседател Си Ѓинпинг и неговиот американски колега Доналд Трамп, на кој двете страни постигнаа договор за едногодишна соработка во трговијата и царините.
Сепак, Кина ќе ги задржи царините од 10%, соопшти Комисијата за царински тарифи при Државниот совет.
Новите мерки ќе стапат на сила во 13:01 часот на 10 ноември, се додава во соопштението.
Според Комисијата, одлуката „има цел да ги спроведе резултатите и договорите постигнати на економските и трговските разговори меѓу Кина и САД“.
Двете земји одржаа неколку рунди разговори за постигнување трговски договор, кој беше една од главните теми на самитот меѓу Си и Трамп во јужнокорејскиот пристаништен град Пусан на 30 октомври.
„Продолженото суспендирање на дел од дополнителните царини меѓу Кина и САД ќе помогне во унапредување на стабилен и одржлив развој на билатералните економски и трговски односи, ќе донесе придобивки за народите на двете земји и ќе придонесе за глобален просперитет“, соопшти Комисијата.
Дополнително, Кина ќе ги укине и дополнителните царински мерки наведени во претходната одлука за одреден увоз со потекло од САД.
Потсетуваме, во март годинава Кина воведе дополнителна царина од 15% на увозот на пилешко месо, пченица, пченка и памук од САД.
Сиракот, сојата, свинското и говедското месо, рибјите и млечните производи, како и овошјето и зеленчукот беа предмет на дополнителна царина од 10%.
На посебна прес-конференција во Пекинг портпаролката на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг, изјави дека кинеската политика кон САД „останува доследна.“
„Секогаш ги гледаме и ги третираме односите со САД врз основа на принципите на заемна почит и соработка за заемна корист. Истовремено, цврсто ќе ги браниме нашиот суверенитет, безбедност и развојни интереси,, изјави Мао.
Таа додаде дека „одржливи и стабилни односи меѓу Кина и САД се во основен интерес на двата народа и токму тоа е она што го посакува меѓународната заедница“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
