Laith Joneidi,Ayşe Sümeyra Aydoğdu
21 Февруари 2016•Ажурирај: 22 Февруари 2016
AMAN (AA) - Американскиот државен секретар, Џон Кери, изјави дека е постигнат начелен договор за воспоставување на примирје во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Кери престојува во службена посета на Аман, каде што се состана со јорданскиот колега Насир Џудех, а по состанокот изјави дека е невозможно окончување на сириската криза сè додека на власт во Сирија е Башар ал-Асад.
„Многупати имам кажано дека војната во Сирија не може да се оконча сè додека на власт е претседателот Асад. Во Сирија можен е прекин на огнот. Мирот е секогаш подобар од продолжување на војната, а политичкото решение на кризата е секогаш подобро од военото решение”, порача Кери.
Истакнувајќи дека приоритетно мора да се води политика во правец на решавање на хуманитарната криза во Сирија, Кери кажа дека моментално на 13 милиони Сиријци, вклучувајќи и шест милиони деца, им треба итна помош. Додаде дека сирискиот режим е најодговорен за актуелната бегалска криза во светот.
Потсетувајќи дека утринава по телефон разговарал и со рускиот колега Сергеј Лавров, Кери рече дека е постигната согласност за неопходноста од што поскоро воспоставување на примирје во Сирија и дека е постигнат начелен договор за тоа.
Кери денес во Аман се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас, а во попладневните часови се очекува средба и со јорданскиот крал Абдула во Акаба.