свет

Јемен: Жените притворенички се присетуваат на измачувањата во затворите на Хусите

Во заедничкиот извештај издаден од организациите, документирани се 1.182 извршени злосторства врз жени, кои вклучуваат убиство, тортура, присилно исчезнување и сексуално насилство.

Ekip  | 23.02.2021 - Обновена : 24.02.2021
Јемен: Жените притворенички се присетуваат на измачувањата во затворите на Хусите

ИСТАНБУЛ

Три организации за човековите права на Јемен ги обвинија Хусите поддржани од Иран за прекршувања на човековите права, кои се поистоветуваат со воени злосторства, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во заедничкиот извештај издаден од организациите, документирани се 1.182 извршени злосторства врз жени, кои вклучуваат убиство, тортура, присилно исчезнување и сексуално насилство.

Директорката на Јеменската унија за жени „8 Март“ и еден од авторите на извештајот, Весам Басиндовах, за АА изјави дека жените и децата главно страдале и биле први на нишан во војната во Јемен.

Извештајот има за цел да ги расветли видовите прекршувања што Хусите ги извршиле врз жените во Јемен, за време на периодот од 2017 до 2020 година.

Во извештајот се документирани 274 случаи на киднапирање, 538 жени притвореници, 71 инцидент со силување и четири случаи на убиство.

Цитирајќи ги сведоштвата на ослободените затвореници, како Насма Мухамед, во извештајот се вели дека таа била киднапирана на 24 март 2019 година од страна на „Заинабијат“, женска воена група воспоставена од Хусите. Таа во моментот се наоѓа на лекување во Каиро.

„За време на испрашувањата, бев обвинета за приклонување на арапската коалиција и дека сум агент на Америка и Израел и работам во мрежа на проституција. Ме измачуваа, тепаа, добивав струјни удари, бев сексуално малтретирана и силувана“, изјави таа за организациите за човекови права.

Нејзините родители морале да платат 3 милиони јеменски ријали (6.000 долари) за нејзиното ослободување.

Дваесет и двегодишната Асма ал Омаиси, мајка на две деца, е осудена на смртна казна под обвиненија за шпионирање.

Таа беше уапсена во октомври 2016 година. По 15 месеци, судот на Хусите во главниот град Сана ѝ изрече смртна казна. Нејзиното барање за жалба и покрај меѓународните барања е одбиено.

Споделувајќи го нејзиното искуство, Нора ал Јрови, претседателката на Коалицијата на жени за мир во Јемен, за АА изјави дека таа се наоѓала меѓу 77-те жени уапсени од страна на Хусите, откако тие организираа протест против Хусите на 6 декември 2017 година, во главниот град Сана.

„Интервенцијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права успеа да нè ослободи. Во тој момент решив да ги бранам правата на жените во Јемен. Како што продолжуваа протестите, така продолжуваа и произволните апсења. 2018 година беше најлошата година во историјата на правата на жените во Јемен“, додаде таа.

- Шокантни факти за страдањата -

„Прекршувањата на правата на жените во Јемен, особено правата на затвореничките во затворите контролирани од Хусите се неописливи. Постојат шокантни факти за страдањата на притвореничките“, изјави Басиндовах.

Цитирајќи го извештајот, таа изјави дека „затворите на Хусите се како гробници за жените."

„По убиството на поранешниот претседател Али Абдулах Салех на 2 декември 2017 година, насилствата на Хусите врз жените станаа посистематски“, се вели во извештајот.

Жените ја плаќаат цената од шестгодишната војна во Јемен. Извештајот сугерира дека постојат 293 жени притворенички на возраст под 18 години, покрај десетици мајки кои се наоѓаат во затворите на Хусите.

Група експерти во својот извештај до претседателот на Советот за безбедност на ОН во јануари 2020 година исто така ги потврдија злосторствата извршени од „Заинабијат“.

Басиндовах исто така нагласи дека „Заинабијат“ извршувал нелегални задачи, како упади во куќи и киднапирање.

„Овие женски милитанти се обвинети за извршување брутални акти врз жените, како што се произволни апсења, грабежи, сексуално малтретирање, тепање, измачување и олеснување на силувањето во тајните центри за притвор“, изјави таа.

Во извештајот исто така се нагласува дека досега се ослободени 321 женски притвореник.

- Стигмата не им дозволува на жените да зборуваат -

Во контроверзно општество како Јемен, Ал Јрови верува дека општеството претставува најголемата пречка да се откријат злосторствата на Хусите против жените, бидејќи објавувањето на таквите злосторства се смета за поголемо злосторство.

За да се овозможи понатамошно отуѓување на притворените жени од нивните семејства и општеството, тие се обвинети дека работат во мрежи за проституција, при што остануваат во притвор во период од две до три години.

„Некои жени се убиени во своите домови, додека се спротивставувале на апсењата“, додаде таа.

Покрај Јеменската унија на жени „8 Март“, другите организации што го составија извештајот се Коалицијата на жени за мир во Јемен, Организацијата за борба против трговија со луѓе и Јеменската коалиција за независни жени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın