Davut Çolak
11 Август 2017•Ажурирај: 12 Август 2017
КОПЕНХАГЕН (АА) - Кризата со јајцата загадени со инсектицидот фипронил, која зафати неколку европски земји, се прошири и во Данска, јавува Anadolu Agency (AA).
Данската Агенција за храна соопшти дека на пазарот во таа земја стигнале 20 тони сварени и излупени јајца загадени со инсектицид.
Во соопштението се наведува дека компанијата „Danaeg Products“, со потекло од Холандија, направила увоз од компанија во Белгија.
Откако фипронилот беше откриен во јајца што се продаваат низ целата земја, увозникот „Danaeg Products“ се обрати во Агенцијата за храна.
Во соопштението се додава дека компанијата ќе ги контактира клиентите и ќе ги повика да не ги консумираат јајцата, туку да ги уништат.
Истакнато е дека откриената количина на фипронил не го загрозува здравјето на луѓето.
Загадените јајца во Данска за првпат се појавија во пекарница.
Фипронилот е инсектицид што се користи во живинарството за уништување на бубачките, грините и крлежите, но во Eвропската Унија (ЕУ) е забрането неговото користење на животните, како што се кокошки, кои се одгледуваат за човечка исхрана.
Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи фипронилот за средно штетна материја, која доколку се внесува во поголеми количини може да ги оштети бубрезите, црниот дроб и тироидната жлезда.
Во согласност со европските стандарди, јајцата што содржат 0,005 милиграми фипронил треба да се повлечат од пазарот.
ЕУ смета дека дозата на фипронил која е над 0,72 милиграми е многу штетна за здравјето на луѓето.