Mehmet Yılmaz
22 Август 2017•Ажурирај: 23 Август 2017
БУДИМПЕШТА (АА) - Национална канцеларија за безбедност на храната на Унгарија (Nebih) соопшти дека во јајцата што се произведени во оваа земја, пронајдени се примероци од инсектицидот фипронил, јавува Anadolu Agency (AA).
Од канцеларијата за безбедност на храната на Унгарија соопштуваат дека откако е откриен инсектицид во јајцата и во производи што содржат јајца со инсектицид, увезени од Германија, за првпат инсектицидот фипронил е пронајден и во јајца произведени во Унгарија.
Во соопштението се наведува дека се собрани сите свежи јајца во коишто е пронајден фипронилот и од почетокот на август, во земјата постојано се вршат контроли.
По откривањето на инсектицидот фипронил во јајцата од Холандија, Франција, Германија и од Белгија, во Европа настана криза којашто се пренесе и во други 19 земји, меѓу кои и некои земји од Азија, поради увозот на ваквите јајца.
Кризата со јајцата брзо се прошири, така што милиони јајца од полиците во супермакетите и во магацините експресно беа уништени, а во меѓувреме на ниво на цела Европа, привремено се затворени 150 живинарски фарми.
Иако инсектицидот фипронил се користи во живинарскиот сектор како лек за уништување на вошки, болви и крлежи кај живината, тој е забранет за употреба од страна на Европската Унија на фарми на кои се одгледуваат кокошки и друга живина.
Светската здравствена организација за фипронилот вели дека е „супстанција со средно ниво на штетност“, истакнувајќи дека доколку се консумира поголемо количество од оваа супстанција, можно е таа да им наштети на бубрезите, црниот дроб и на тироидната жлезда.