Emel Gözellik
16 Февруари 2020•Ажурирај: 17 Февруари 2020
ТОКИО (AA) - Со новиот тип на коронавирусот Ковид-19 заразени се уште 70 лица кои се наоѓаат на крузерот во карантин во Јапонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на јапонското Министерство за здравство, вкупната бројка на заболени на крузерот „Дајмонд принцес“ (Diamond Princess), на кој се наоѓаат 3.700 лица, зголемен е на 355 лица.
„Досега спроведовме тестирање на 1.219 лица и 355 беа позитивни“, изјави јапонскиот министер за здравство, Катсунобу Като, напоменувајќи дека од вчера бројот на заболени порасна за 70.
Меѓу 3.700-те лица кои се наоѓаат на крузерот кој е во карантин во Јапонија се и тројца државјани на Северна Македонија, а според информациите кои ги соопшти во изминатите денови Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, еден од нив е заразен од Ковид-19 вирусот.
Освен заразените на крузерот, во Јапонија се појавија уште 53 случаи на заболувања во различни региони.
Крузерот од 4 февруари се наоѓа во карантин во пристаништето Јокохама, откако еден од патниците од Хонгконг е заразен со вирусот.
Билансот на смртно настрадани од последиците од заразувањето со вирусот Ковид-19 е зголемен на 1.666 лица. Националната здравствена комисија на Кина (NHC) денеска (недела) соопшти дека во изминатите 24 саати починале 142 заразени лица, со што бројот на починатите од заразувањето со опасниот вирус во таа земја се зголеми на 1.666.
Националната здравствена комисија на Кина објави соопштение во врска со последните случувања поради епидемијата на Ковид-19 во земјата, во кое се наведува дека бројот на сомнителни случаи изнесува 8.288, додека бројот на лица што се задржани под надзор со образложение дека имале контакт со заразени лица, се намалил на 158.754 лица.
Исто така, бројот на лица кај кои е откриен овој вирус се зголеми на 68.500 лица, од кои 11.272 лица се наоѓаат во тешка здравствена состојба, додека 9.419 лица биле излекувани и отпуштени од болница.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност, а бројни авиокомпании ги запреа летовите кон Кина.
Кинеските власти во Вухан испратија дополнителни 11.000 лекари и медицински лица за помош во лекувањето на заболените.