Ahmet Furkan Mercan
22 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
ТОКИО (АА) - Премиерот на Јапонија, Шинзо Абе одобри рекорден буџет за одбрана од регионални ризици и нуклеарни закани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавува „Би-би-си“, Абе го одобри државниот буџет од 831 милијарда долари, а буџетот на Јапонија за одбрана е зголемен за 1,4 отсто, на 43,6 милијарди долари. Во зголемувањето на износот на буџетот за одбрана голема улога играат трошоците за воени авиони и подморници.
Освен тоа, ќе биде унапреден одбранбениот систем од проектили, против заканите од нуклеарната балистичка програма на Северна Кореја.
Доколку јапонскиот Националниот парламент Коккаи го одобри буџетот, ова ќе биде петто зголемување на буџетот за одбрана од 2012 година, кога Абе дојде на власт.
Усвоениот државен буџет во Јапонија официјално започнува да важи од април 2017 година.
Претходно беше соопштено дека крајбрежната стража на Јапонија ќе биде збогатена со осум нови бродови и 200 вработени.
Во вчершното обраќање пред министрите, Абе изјави дека крајбрежната стража треба значително да го зголеми капацитетот и дека итно ќе започне да ја зајакнува крајбрежната безбедност.
Меѓу Токио и Пекинг сѐ уште трае спорот за островите Сенкаку, според јапонскиот назив, а Кина ги нарекува Тјаоју. Двете земји редовно праќаат бродски и авионски патроли на овие острови, а постои закана и за регионалната безбедност. Островите не се населени, но се смета дека под нив лежат големи резерви на нафта и природен гас.