Ahmet Gürhan Kartal
29 Мај 2019•Ажурирај: 30 Мај 2019
ЛОНДОН
Првата министерка на Шкотска, Никола Стуржон, денес соопшти дека е составен нацрт-законот кој ќе овозможи одржување на нов референдум за отцепување на Шкотска од Велика Британија, јавува Anadolu Аgency (AA).
Стуржон изјави дека референдумот за независност до 2021 година би им дал можност на Шкотите да кажат дали сакаат Шкотска да биде независна европска држава или се согласуваат на наметнат Брегзит, односно излез на Велика Британија од Европската Унија.
Нацрт-законот за новиот референдум го објави Националната партија (SNP) која со Стуржон на чело освои 38 отсто од гласовите и победи на минатонеделните европски парламентарни избори во Шкотска.
„Повеќе од кога било претходно ни е важно да ги задржиме отворени можностите за Шкотска, за луѓето да имаат можоност да бираат подобра иднина“, изјави Стуржон.
Таа, исто така, порача дека е важно и британската Влада да сфати дека би било срамота да се обиде да блокира таков референдум и додаде дека секој таков обид би бил осуден на неуспех.
Шкотска во 2014 година одржа референдум за независност, на кој мнозинството од 55 отсто од гласачите одби да го напушти Обединетото Кралство. Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, изјави претходно дека тоа било референдум кој се организира еднаш и на кој гласачите донеле долгорочна одлука.
Две години подоцна, односно во 2016 година, гласачите во Велика Британија со мнозинство гласови го изгласаа излезот од Европската Унија, но гласачите во Шкотска гласаа за останување во Унијата, поточно 62 отсто од гласачите во Шкотска гласаа за останување на Велика Британија во ЕУ.
Првата министерка на Шкотска и челничката на Националната парија (SNP), Стуржон, тврди дека гласачите во Шкотска биле измамени со политиката на официјален Лондон за време на првиот референдум за независност.
Стуржон очекува дека нацрт-законот за референдумот до крајот на годината ќе биде одобрен во форма на закон во шкотскиот Парламент. На одлуката на шкотскиот Парламент потоа ќе ѝ биде потребно одобрување од британскиот Парламент.