Burak Milli
29 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
АДАНА (АА) - Претседателот на Црвената полумесечина на Турција, Керем Киник, се осврна на нападите од припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад врз Идлиб и повика на заштита на цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Киник ги прокоментира нападите на населбите во зоната на деескалација на судирите во Идлиб и изјави дека цивилите од тоа подрачје повеќе нема каде да побегнат.
Тој изјави дека во нападите во Идлиб се погодени населби и дека доаѓа до масакр.
Според неговите зборови, жртвите се често деца, жени и невини невооружени бегалци.
„Целите се надгледувани, а подрачјата во кои се наоѓаат цивилите се бомбардирани. На најнаселените подрачја во Идлиб се фрлаат барел-бомби. Тоа е воено злосторство. Изгледа како луѓето од тие подрачја да се протерани. Нешто такво светот и меѓународната заедница не смеат да дозволат“, изјави Киник.
Тој додаде дека 4,5 милиони лица што пронашле засолниште во Идлиб, не биле заштитени.
„Луѓето се соочени со масакр. Речиси половина милион лица дојдоа до нашите граници, повикуваме на заштита на овие луѓе. Луѓето за време на Рамазан се гаѓани за време на суфур и ифтар, за време на купување намирници за Бајрам“, изјави Киник.
Тој додаде дека продолжува да се пружа помошта на цивилите на подрачјето кое во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ е ослободено од терористите, на северниот дел на Алепо, во Африн, но и во Идлиб.
Тој смета дека движењето на населението и стравот од масакрот, што може да се прошири на тоа подрачје, може да доведат до други проблеми.
„Тоа не е поврзано само со регионот и Турција, туку би можело да биде проблем кој ќе се одрази и на Европа. Светот мора итно да реагира“, смета Киник.
Тој додаде дека во Идлиб владее амбиент во кој во секој момент од кој било правец би можело да дојде до напади.
Киник изјави дека и покрај нападите, продолжуваат да пружаат хуманитарна помош.
„Меѓународниот систем треба да ги заштити овие невини цивили кои останаа меѓу режимските сили на една и опозицијата на друга страна. Турција настојува да им помогне на овие луѓе колку што може, но меѓународниот систем мора да стори нешто“, смета Киник.