Mehmet Şah Yılmaz
05 Мај 2024•Ажурирај: 07 Мај 2024
БАНЏУЛ (АА) - Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, вчера изјави дека отпорот кон израелската окупација повеќе не е војна меѓу Израел и Палестина туку борба меѓу угнетувачи и угнетени ширум светот, известува Анадолу.
Зборувајќи на 15. самит на Организацијата за исламска соработка (ОИС) што се одржува во Банџул, главниот град на Гамбија, министерот Фидан нагласи дека ниту една членка нема право да го решава своето несогласување околу „крвта на Палестинците“, се дознава од дипломатски извори.
Истакнувајќи дека Израел избегнува одговорност, Фидан рече дека должност на целата глобална муслиманска заедница е да ги збие редовите во одбрана на Палестинците.
Тој нагласи дека муслиманските земји мораат да го докажат своето единство и дека мораат да постигнат резултати по дипломатски пат, а по потреба, и со други средства.
Фидан се осврна на историските поделби меѓу муслиманските држави и рече дека тие не смеат да се повторат, за палестинското прашање да не стане жртва на регионалните ривалства.
Единствен победник во таква ситуација би бил Израел и неговите приврзаници, предупреди министерот Фидан.
Тој ги повика сите муслимански земји да извршат притисок врз Израел да стави крај на угнетувањето на Палестинците и да се заложат за решение на две држави, користејќи ги сите средства за тоа и да покажат дека кршењето на меѓународното право има последици.
Фидан нагласи дека граѓаните на муслиманските земји очекуваат конкретни резултати од самитот во Банџул, додавајќи дека признавањето на Палестина од страна на поголем број земји ќе му зададе значителен удар на Израел.
Шефот на турската дипломатија подвлече дека земјите на ОИС мораат да вложат напори да обезбедат полноправно членство на Палестина во Обединетите нации.
Вчера во Банџул започна 15. самит на ОИС.
Самитот има за цел зајакнување на единството „во заедничкото решавање на 'жешките' предизвици со кои се соочува муслиманската заедница и ширење на соработката и солидарноста меѓу земјите-членки во постигнувањето заеднички цели кои се содржани во повелбата“.
Од ОИС наведоа дека самитот, исто така, има за цел „да ја прошири домашната економија и ревитализира малите и средните претпријатија.“
Дводневниот самит со централна тема „Јакнење на единството и солидарност низ дијалог за одржлив развој“, ќе се занимава со глобални прашања, особено со моменталната ситуација во Палестина и израелските напади на Појасот Газа, во кои се убиени повеќе од 34.000 луѓе.
Во текот на самитот, три клучни документи - нацрт на палестинската резолуција, нацрт изјавата од Банџул и нацрт завршниот документ - ќе бидат презентирани пред Советот на министри за надворешни работи, а потоа и на самитот на дискусија.