Can Erözden
06 Октомври 2016•Ажурирај: 07 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Anadolu Agency (AA) вчера потпиша договор за соработка со Организацијата за исламска соработка (ОИС), јавува Anadolu Agency (АА).
Имено, заменикот генерален директор на АА, Метин Мутаноглу, и директорката на Одделот за информирање во ОИС, Маха Акел, потпишаа Договор за соработка во седиштето на АА, во Анкара.
Договорот опфаќа посилно партнерство, како и размена на вести и информации меѓу двете страни.
Мутаноглу во таа пригода истакна дека АА во рамките на услугите што ги нуди има и пакет на вести за случувањата во исламскиот свет.
„Ние се обидуваме да воспоставиме и да ги зајакнеме врските со сите муслимански земји. Среќни сме што ќе соработуваме со ОИС“, изјави Мутаноглу.
Акел изјави дека за ОИС е многу важен почетокот на соработката со Anadolu Agency.
„За нас е многу важно да развиваме соработка со Anadolu Agency, бидејќи така имаме пристап до поголем број вести“, изјави Акел, истакнувајќи дека АА ќе биде важен извор на информации за оваа организација, особено кога станува збор за случувањата во муслиманските земји.
Организацијата за исламска соработка (ОИС) е меѓународна организација со траен амбасадор при ОН, која обединува 57 држави во кои исламот е државна, мнозинска или малцинска религија.