Burcu Arik
06 Октомври 2016•Ажурирај: 07 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека Турција ќе го продолжи военото присуство во кампот Башика кај Мосул, без оглед на ставовите на ирачкиот Парламент, кој неосновано турските сили ги нарекува „окупаторски“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Наша цел е да се спречат дополнителни трагедии кај луѓето, да се спречи крвопролевање и да се спречи кризата во регионот. Во време кога во Ирак кружат голем број странски сили, ирачките власти немаат право да изнесуваат такви неосновани тврдења кон Турција, која е присутна тука уште далеку во минатото“, изјави Јилдирим.
Шефот на турската Влада, Јилдирим, исто така изјави дека ставот на ирачкиот Парламент е неприкладен и поради фактот што Ирак е индиферентен кон терористичката организација ПКК, која со децении се наоѓа во земјата.
„Бесмислено е Ирак да се фокусира на турското воено присуство и да го занемарува фактот дека во Ирак се наоѓаат воени сили на уште 63 држави, кои се таму со цел да се борат против терористичката организација ДАЕШ“, изјави Јилдирим.
Парламентот на Ирак на почетокот од неделата ја усвои одлуката со која се противи на турското воено присуство во Башика и турските безбедносни сили ги нарекува „окупаторски“, а притоа денес формално и од Обединетите нации побара одржување на вонредна седница на Советот за безбедност на таа тема.
Заменик-премиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, вчера изјави дека ирачките обвинувања на сметка на Сирија се неприфатливи бидејќи ангажманот на турските сили во Ирак и во Сирија има за цел поддршка против терористичките организации, првенствено ДАЕШ.
Парламентот, односно Големото народно собрание на Република Турција, уште од 2007 година го одобри ангажманот на турските сили да ги извршуваат антитерористичките операции на северниот дел од Ирак. Таа одлука е повторена и проширена за подрачјето на Сирија во 2014 година, кога ДАЕШ зазеде некои од најголемите градови на Ирак и Сирија.
Воениот камп Башика се наоѓа на 12 километри североисточно од центарот на Мосул, контролиран од ДАЕШ, а турските сили во декември минатата година, во тој камп испратиле околу 150 војници со цел за обука на ирачките доброволци за борбата против ДАЕШ.