свет

Шефот на пакистанската дипломатија за АА: „Се плашам од геноцид во Џаму и Кашмир“

Курејши престојува во работна посета во Женева заради учество на 42. Редовно заседание на Советот за човекови права, а во рамките на тој собир одржа голем број состаноци за кризата во Џаму и Кашмир

Bayram Altuğ  | 12.09.2019 - Обновена : 14.09.2019
Шефот на пакистанската дипломатија за АА: „Се плашам од геноцид во Џаму и Кашмир“

ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ -

Шефот на пакистанската дипломатија, Шах Махмуд Курејши, ги обвини властите на Индија дека спроведуваат геноцид во покраината Џаму и Кашмир, на која ѝ е одземен специјалниот статус на автономија и во која се воведени голем број мерки на органичување, јавува Anadolu Agency (AA).

Курејши престојува во работна посета во Женева заради учество на 42. Редовно заседание на Советот за човекови права, а во рамките на тој собир одржа голем број состаноци за кризата која во Џаму и Кашмир започна на 5 август.

Во разговор со новинарот на АА, Курејши изјави дека во обраќањето на Советот за човекови права го предупредил светот за нов геноцид.

„Кога покраината во која поголемиот дел живеат муслимани ја претворите во покраина во која муслиманите се малцинство и кога тоа ќе го сторите на спорно подрачје кое е окупирано со сила, тоа претставува облик на геноцид. Тоа ме плаши“, изјави Курејши.

Тој ги обвини властите на Индија дека по терористичките напади на 11 септември 2001 година се однесувале суптилно и дека на муслиманите кои се борат за сопствените права и за сопствената судбина во Кашмир, им наметнувале етикета на терористи.

„Тие муслимани не се терористи. Се борат само за сопствените права, а таа борба не смее да се поистоветува со тероризмот“, изјави Курејши.

Нагласувајќи дека исламофобијата во Европа и САД е во пораст, Курејши најави дека Пакистан, Турција и Малезија заеднички ќе организираат собир за тој проблем, под покровителство на Обединетите нации (ОН).

Повеќе од 50 држави на седницата на Советот за човекови права потпишаа заедничка декларација во која ги повикуваат индиските власти да ги почитуваат правата на луѓето од Џаму и Кашмир и предложуваат под покровителство на ОН да се оформи комисија за истрага на злосторствата во тој регион. Курејши изјави дека Турција ја предводеше кампањата за тој потег.

Коментирајќи ја и кризата во Авганистан, Курејши изјави дека Пакистан го поддржува мировниот процес и го повика Талибанското движење во Авганистан да размисли и да му даде шанса на мирот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.