Muhammet Nazım Taşçı
12 Септември 2019•Ажурирај: 14 Септември 2019
ДАКА
Монсунските дождови кои се активни во Бангладеш, негативно влијаат врз животот на 16.190 аракански муслимани кои во оваа земја живеат во камповите поставени на југот од земјата, во подрачјето на Кокс Базар, јавува Anadolu Agency (AA).
Во заедничката изјава на Меѓународната организација за миграции (IOM), Светската програма за храна (WFP) и Високиот комесаријат за бегалци на ОН (UNHCR), изработена од страна на Меѓусекторската група за координација, се наведува дека од монсунските дождови кои започнаа кон крајот на неделата и предизвикаа поплави во регионот, погодени се 4.842 семејства.
Монсунските дождови предизвикаа делумни оштетувања на 427 засолништа во Кокс Базар, а 66 засолништа во потполност се уништени.
Во соопштението се вели дека монсунските дождови предизвикале природни катастрофи и несреќи од кои се погодени 16.190 аракански муслимани кои живеат во камповите, и се додава дека поради бурата и преливањата на реките во регионот, 14.801 лице од 4.543 семејства биле принудени да се раселат.
- Две деца од Бангладеш ги загубија животите
Во свлечиштето до кое дојде во регионот Текнаф во Кокс Базар животот го загубија две деца од Бангладеш, а 10 лица се повредени. Поради поројните врнежи од дожд кои продолжуваат во регионот, 4.000 семејства од Камп-26 ги променија своите места на живеење.
Заменик-шефот на Меѓународната организација за миграции, Мануел Переира, на оваа тема изјави дека дождот и ветрот претставуваат опасност за животот.
Переира истакна дека екипите работат во текот на 24 часа.
Институциите кои се дел од ОН истакнаа дека Владата на Бангладеш и невладините организации од оваа земја им помагаат на араканските муслимани погодени од монсунските дождови.