Atila Altuntaş
04 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
СТОКХОЛМ (АА) – Народниот правобранител за дискриминација во Шведска соопшти дека една жена муслиманка била дискриминирана кога нејзиното интервју за работа било прекинато затоа што носела шамија, и поднесе тужба за обесштетување од 80.000 круни (околу 8.000 евра) против компанијата за преводи која го прекинала интервјуто, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштение за медиумите на официјалната интернет-страница на народниот правобранител за дискриминација се наведува дека интервјуто за работа на една жена муслиманка која конкурирала за работа во компанија за преводи во градот Упсала, во Шведска, било прекинато поради тоа што носела шамија.
„Раководството во оваа компанија вели дека според внатрешните политики на компанијата, забрането е видливо користење на секакви политички и верски симболи, со тоа што се алудирало на одлуката на Европскиот суд на правдата за носењето шамија. Но, бидејќи жената муслиманка која конкурирала за работа ќе ја врши својата задача како преведувач преку телефон или видео, мислиме дека шамијата нема да претставува проблем. Затоа, жената муслиманка на која интервјуто за работа ѝ е прекинато поради верски причини е дискриминирана, и поднесена е тужба за обесштетување од 80.000 круни (околу 8.000 евра) против компанијата“, се вели во изјавата.