Burç Eruygur
14 Ноември 2022•Ажурирај: 15 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Уште четворица цивили се повредени во руските напади врз источниот регион на Доњецк во Украина, при што интензивните борби во регионот го принудија локалното население да се засолни во бункери, изјави денес украински официјален претставник, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На 13 ноември, Русите повредија 4 цивили во регионот на Доњецк: во Курахове, Бахмут, Андриевка и Иванивка“, објави гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, на својот профил на Телеграм.
Кириленко понатаму рече дека не е можно да се утврди точниот број на погодените од нападите во Мариупол и Волноваха.
Не беше прецизирано дали нападите се од воздух или поради артилериско гранатирање.
Последните напади се случија еден ден откако Кириленко рече дека двајца цивили биле убиени, а еден е повреден во градот Бахмут.
Украинската војска денес почна да навлегува во јужниот град Керсон, откако Русија ги повлече трупите од регионот.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски и лидерите на западните земји го поздравија ова како голема украинска победа.
Цивилните жртви од тековната војна во Украина достигнаа 16.462, вклучувајќи 6.490 убиени и 9.972 повредени, според проценките на ОН.