Aliia Raimbekova
10 Јуни 2019•Ажурирај: 10 Јуни 2019
НУРСУЛТАН (АА) - Централната изборна комисија на Казахстан соопшти дека актуелниот привремен претседател на земјата, Касим Жомарт Токајев, убедливо победил на вчерашните предвремени претседателски избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Вчера во Казахстан се одржаа претседателски избори на кои право на глас имаа речиси 12 милиони регистрирани гласачи, а во изборната трка учествуваа вкупно седум претседателски кандидати.
Станува збор за предвремени претседателски избори одржани откако во март оваа година од функцијата отстапи Нурсултан Назарбајев, кој на чело на државата беше 28 години.
Потпретседателот на Изборната комисија, Константин Петро, утринава соопшти дека излезноста на изборите изнесувала 77,4 отсто.
Тој, исто така, изјави дека Токајев победил на изборите со освоени 70,76 отсто од гласовите.
На второ место е Амирјан Косанов од партијата Судбина на народот, кој освои 16,02 отсто од гласовите. Единствената кандидатка, Данија Јеспајева, беше третопласирана со освоени 5,2 отсто од гласовите.