Adham Kako
11 Февруари 2018•Ажурирај: 11 Февруари 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Во нападите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад кои продолжуваат од синоќа во Источна Гута, која е под блокада, загинаа шест цивили од кои две деца, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според извори од Цивилната одбрана, режимот синоќа извршил артилериски и воздушни напади во подрачјето на Дума во Истиочна Гута, при што загинале пет лица, од кои две деца и една жена.
Подрачјата во Источна Гута како Сакба, Арбин, Кефер Батна, Џисрин и Беј Сава се мети на интензивните воздушни напади кои траат и денес. Во воздушниот напад во Хамурије загина едно лице.
- Во последните 45 дена загинаа 539 цивили -
Од 29 декември 2017 година досега, во бомбардирањата во Источна Гута загинаа 539 цивили, додека над 2.000 се повредени.
Во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, живеат околу 400.000 цивили, од кои половина се деца.
Источна Гута на преговорите во Астана беше прогласена за зона без судири. Но, Асадовиот режим, чија земја-гарант е Русија, од април минатата година ја интензивираше блокадата во подрачјето, додека во последните месеци ги интензивираше и нападите.
Илјадници болни лица чекаат да бидат евакуирани од регионот, од кои стотици имаат потреба од итна евакуација. Повеќето од болните се деца и заболени од канцер. Голем број деца и бебиња во Источна Гута починаа од глад и недостиг на лекови.