Michael Hernandez
13 Декември 2018•Ажурирај: 14 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Директорката на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џина Хаспел, ги информираше законодавците во Претставничкиот дом во врска со наодите на Агенцијата за истрагата за убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Набргу по состанокот зад затворени врати, Елиот Енгел, кој од следната година треба да ја преземе водечката функција на Комитетот за надворешни работи, за новинарите изјави дека комисијата ќе одржи расправа за убиството на Кашоги откако ќе застане на чело на комисијата.
„Треба да извршиме оценка на нашите односи со Саудиска Арабија“, рече тој.
Запрашан конкретно, дали саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман директно стои зад убиството, Енгел рече „не изгледа многу добро во моментов, но ќе видиме.“
„И секако, нашите односи со Саудиска Арабија, претставуваат важна врска. Не сакам да го потценам тоа“, рече тој. „Но јас не мислам дека едноставно може да свртиме глава кога работите се случуваат и да разговараме за бизнис, како и обично.“
Саудиска Арабија првично негираше каква било улога во исчезнувањето на Кашоги, по неговото влегување во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По различните контрадикторни објаснувања, Ријад призна дека Кашоги бил убиен во дипломатската зграда.
Ова признание беше критикувано и од законодавците од Капитол хил, кои оспоруваат дека Кашоги може да е убиен без знаење на Селман.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговите високи официјални лица и понатаму негираат каква било директна улога на саудискиот де факто лидер во убиството на Кашоги.
Државниот секретар Мајк Помпео претходно изјави дека американската разузнавачка служба не пронашла „директна“ врска меѓу Бин Селман со убиството на Кашоги.
„Директни докази сè уште нема“, изјави Помпео за време на интервјуто за „Фокс њуз“ (Fox News).
Но, по брифингот на Хаспел на претставници на Сенатот минатата недела, неколку пратеници го напуштија состанокот зад затворени врати, оспорувајќи го негирањето на поврзаноста.
„Треба да бидете намерно слепи да не дојдете до заклучокот дека тоа е оркестрирано и организирано од луѓе под команда на МБС (Мухамед бин Селман) и дека тој е вклучен во смртта на господин Кашоги“, изјави сенаторот Линдзи Греам.