Eshat Fırat
07 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Во Источен Ерусалим и на Западниот Брег во тек е генерален штрајк, во знак на протест против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Не работат продавниците, државните институции и организации, а прекината е и наставата во училиштата и на универзитетите на Западниот Брег.
Откако претседателот на САД, Доналд Трамп, го призна Ерусалим за главен град на Израел, палестинската страна повика на генерален штрајк.
Трамп во вторникот вечерта изјави дека е дојдено времето Ерусалим официјално да биде признаен како главен град на Израел. Американскиот претседател во таа пригода изјави и дека веќе издал наредба американската администрација да започне со подготовките за преселување на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.
Израел го окупираше Источен Ерусалим на 5 јуни 1967 година, а во 1980 година еднострано го прогласи Ерусалим за главен град. Истата година следуваше реакција на Советот за безбедност на ОН (СБОН), кој ја донесе резолуцијата 478 и прогласувањето го нарече ништовно.
Амбасадите на сите земји што ја признаа израелската администрација се наоѓаат во Тел Авив. САД со потегот на Трамп стана првата земја што го призна Ерусалим за главен град на Израел.
Оваа одлука на американскиот претседател предизвика низа остри реакции кај голем број земји и организации.