Ali Semerci
05 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
САНА (АА) - Припадниците на јеменското бунтовничко движење на Хусите во потполност ја зазедоа Сана, главниот град на Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако го зазедоа градот, Хусите поставија контролни точки на различни места. Очевидците наведуваат дека се заострени и контролите во Сана. Припадниците на бунтовничкото движење ги зазедоа и камповите Ес Севад и Ес Себин, како и стратешки позиции на планината Атан.
Поранешниот претседател на Јемен, Али Абдула Салех беше убиен во Сана, што е потврдено вчера, од страна на неговата партија Општ народен конгрес. Официјален претставник на таа партија изјави дека Хусите го запреле неговиот конвој и го усмртиле во близина на Сана.
Активистите тврдат дека Хусите истрелале повеќе од 30 куршуми во поранешниот јеменски претседател.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза, која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна кога бунтовниците, предводени од шиитското движење на Хусите, го зазедоа главниот град на Јемен, Сана, а потоа и други региони.
Бунтовничките милитанти Хусите и силите на Салех во последните неколку дена водат жестоки судири во Сана и околината, што дополнително ја влоши кризата во таа земја.