Ekip
25 Април 2016•Ажурирај: 26 Април 2016
РИЈАД (АА) - Лидерите на коалицијата предводена од Саудиска Арабија која го поддржува јеменскиот претседател Абд Рабу Менсур Хади денес соопшти дека се убиени над 800 „елементи” на Ал Каеда, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вчера беше спроведена заедничка воена операција против Ал Каеда, во која учествуваше јеменската армија како и дел од саудиските и специјалните сили на ОАЕ (Обединетите Арапски Емирати)”, беше кажано во денешното соопштение пренесено од државната Саудиска Новинска Агенција.
Неделните операции, се додава во соопштението, се во контекст на „заедничките меѓународни напори насочени кон поразување на терористичките групи во Јемен и помагање на јеменската легитимна влада повторно да воспостави контрола врз градовите кои потпаднаа под контрола на Ал Каеда.”
Според коалицијата, опсежната кампања за поддршка на владата предводена од Хади придонесува за „олеснување на доставувањето хуманитарна помош во овие градови како и олеснување на страдањето на јеменскиот народ”.
Во соопштението понатаму се нагласува дека коалицијата „ќе продолжи со неутрализирање на терористичките групи во сите јеменски градови сè до враќањето на безбедноста и стабилноста во регионот”.
Јеменски функционер, кој сакаше да остане анонимен, поради зараната за давање јавни изјави, во претходна изјава за Anadolu Agency кажа дека јеменската армија - поддржана од воздух од коалицијата, синоќа успеала „да ги обезбеди сите делови од градот Ал Мукала (кој се смета за упориште на Ал Каеда во Јемен) и да ги истера борците на Ал Каеда кои го држеа градот под своја контрола последнава година.”
Ал Каеда го зазеде градот Ал Мукала во април минатата година, што доведе до повлекување на јеменските специјални единици од подрачјето.
Оттогаш, Ал Каеда управуваше со стратешките инсталации во градот, вклучувајќи го пристаништето, претседателската палата, воените објекти и безбедносни бази, како и со останатите установи во градот.
Градот Ал Мукала е град во покраината Хадрамаут, најголемата покраина во Јемен, што зазема една третина од вкупната територија на земјата. Поделена е административно и воено на два региони: брегот на Хадрамаут, контролиран од страна на Ал Каеда во изминатава година, а долината и пустинскиот регион под контрола на јеменската армија.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, води битки во источниот и јужниот дел на земјата, додека пак северните покраини искусуваат кревко примирје помеѓу владините сили и шиитската милитантна група на Хусите. Во тек се преговори во Кувајт во врска со Јемен кои веќе влегоа во петтиот ден, но сè уште без никаков конкретен резултат.