Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
24 Јули 2023•Ажурирај: 25 Јули 2023
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелскиот претседател Исак Херцог повика на компромис за судските реформи и рече дека земјата е во вонредна состојба, јавува Анадолу.
„Работиме деноноќно, на секој можен начин, за да најдеме решение. Инфраструктурата за можно разбирање постои, но остануваат празнини што бараат од различните страни да покажат одговорност“, изјави израелскиот претседател.
Контроверзниот план за реформи во судството, предводен од премиерот Бенјамин Нетанјаху, предизвика 29-неделни масовни протести.
Херцог, кој ги водеше преговорите меѓу владејачката коалиција и опозицијата во последните неколку часа, побара од лидерите да постигнат разбирање.
„Граѓаните на Израел се жедни за надеж и очекуваат одговорност и лидерство... Ги повикувам избраните функционери да дејствуваат смело и да подадат рака со цел да се постигне разбирање“, објави Херцог на Твитер.
Опозицискиот лидер Јаир Лапид објави дека компромисните преговори пропаднале.
Пратениците во Парламентот, познат како Кнесет, дебатираат пред да гласаат за реформите во судството.
Нацрт-законот би ги спречил израелските судови, вклучително и Врховниот суд, да го применуваат она што е познато како „стандард за разумност“ на одлуките донесени од избраните функционери.
Владата тврди дека реформите имаат цел да им ја вратат власта на избраните функционери, но критичарите велат дека тоа е узурпација на власта од страна на Нетанјаху.
Нему му се суди за корупција и утрово е пуштен од болница по итна операција на срцето.
Планот за судски реформи го подели Израел, а дојде и до големи противења од различни кругови, вклучително и војската и бизнис-секторот.