Mehmet Nuri Uçar
18 Април 2020•Ажурирај: 19 Април 2020
ГАЗА (АА) – Претседателот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, соопшти дека разговараат со посредници за договорот за размена на затвореници меѓу Израел и Хамас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ханије, во изјавата за телевизијата „Ал араби“ со седиште во Лондон, рече: „Одговорниот во Газа [Јахја ес Синвар] на движењето Хамас, имаше изјавено дека движењето е подготвено за индиректни преговори со Израел за размена на затвореници.“
Тој, истакнувајќи дека некои страни и медијатори контактирале со нив за размена на затвореници, не даде информации за тоа кои се страните и медијаторите.
„Ним им пренесовме што би можело да биде вистинскиот клуч за решавање на ова прашање“, нагласи Ханије.
Потсетувајќи дека четворица израелски војници се во заложништво на вооруженото крило на Хамас „Изедин ел Касам“, Ханије рече: „Ако има доволно сериозност меѓу лидерите на окупаторите, ние сме подготвени да склучиме договор за размена со индиректни преговори.“
Портпаролот на Хамас, Хазим Касим, на својот профил на Твитер на 8 април, напиша дека Синвар, одговорниот на Хамас за Газа, истакнал дека ако Израел ги ослободи старите, жените, болните и децата затвореници, тие се подготвени да ги ослободат израелските војници кои се во рацете на Бригадата „Изедин ел Касам“.
„Движењето Хамас сериозно ќе ѝ пристапи на оваа иницијатива ако има реален одговор од Израел“, нагласи Касим.
На 6 април израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повика на итен дијалог преку медијатори во врска со израелските војници за кои не се знае каде се.