Bayram Altuğ
18 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ги оцени за охрабрувачки одлуките на одделни земји за постепено ублажување на мерките преземени за спречување на ширењето на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Гебрејесус им се обрати на медиумите преку видеоконференциска врска од седиштето на СЗО во Женева, Швајцарија. Не споменувајќи го името на државата, Гебрејесус се осврна на вестите за повторното отворање на пазарите за животни во кинескиот град Вухан, порачувајќи дека ваквите пазари треба да останат затворени.
Тој предупреди дека според достапните проценки, околу 70 отсто од новите вируси се пренесуваат од животните на луѓето.
Тој ги коментираше одлуките на одредени европски земји и на Северна Америка за постепено ублажување на мерките преземени против коронавирусот, оценувајќи ги како „охрабрувачки“.
„Веќе рековме дека ограничувањата мора да бидат ублажени како резултат на постепен процес. Земјите треба да ги земат предвид критериумите коишто ги изрековме. Вчера објавивме нов водич. Ги охрабруваме земјите да го прочитаат и применат овој водич“, рече првиот човек на СЗО.
Гебријесус додаде дека СЗО е загрижена за зголемувањето на бројот на заразени од коронавирусот во Африка.