Mücahit Oktay
18 Април 2020•Ажурирај: 20 Април 2020
ЊУЈОРК (АА) - Американската Национална аеронаутичко-вселенска управа (НАСА) соопшти дека за првпат по речиси 10 години има капацитет од американска територија да испрати астронаути во Меѓународната вселенска станица (ISS), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на НАСА од петокот беше истакнато: „„Спејсекс“ на 27 мај, од Вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида ќе лансира ракета со која астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен ќе бидат пренесени во Меѓународната вселенска станица (ISS).“
Исто така се наведува дека откако НАСА ја прекина програмата за вселенски бродови во 2011 година, за првпат ќе биде лансирана ракета со астронаут од американската територија.
Компанијата „Спејсекс“, која е основана пред 18 години за спроведување на заеднички вселенски студии со НАСА, за првпат ќе лансира ракета со екипаж.
Од друга страна, во изјавата на НАСА беше истакнато дека за време на лансирањето во мај, нема да има посетители, поради новиот вид коронавирус, Ковид-19.
Иако САД и Русија се две земји партнери кои ја водат операцијата во Меѓународната вселенска станица, од 2011 година Русија е единствената земја која може да пренесе екипаж на станицата. Познато е дека САД, за да испраќаат астронаути во Вселенската станица, на рускиот вселенски шатл „Сојуз“ му плаќаат десетици милиони долари за еден астронаут.
НАСА обезбеди милијарди долари за компаниите „Спејсекс“ (SpaceX) и „Боинг“ (Boeing) за да може од САД да испраќа екипаж во Меѓународната вселенска станица. Во јануари 2020 година, „Спејсекс“ соопшти дека имала успешен тест во таа област.