Servet Günerigök
18 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Бројот на починати во Соединетите Американкски Држави (САД) од коронавирусот може да достигне 65.000, рече американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мислам дека ќе имаме значително, се надеваме, под 100.000 [починати]. Мислам дека, во моментов, се движиме најверојатно кон околу 60.000, можеби 65.000“, рече Трамп пред новинарите на прес-конференцијата на Работната група за борба против коронавирусот во Белата куќа.
„Еден [живот] е премногу“, рече тој, но додаде дека постои можност земјата од коронавирусот да изгуби над 2 милиони жители.
Кон крајот на март, докторката што ја предводи Работната група за борба против коронавирусот на Белата куќа, Дебора Биркс, презентираше модел за потенцијалниот број на смртни случаи во земјата.
Моделот покажа дека од коронавирусот Ковид-19 во САД би можело да починат меѓу 100.000 и 240.000, доколку се следат упатствата за социјално дистанцирање и јавно здравје. Без никаква интервенција, моделот предвидува 1,5 до 2 милиони смртни случаи.
До синоќа, во САД имаше речиси 700.000 потврдени случаи и над 36.700 смртни случаи од вирусот. Повеќе од 58.500 се излекуваа.
Вирусот, откако за првпат беше откриен во кинескиот град Вухан, минатата година, се прошири во 200 земји; со вирусот се заразија 2,2 милиони луѓе, додека над 153.800 починаа.