Dildar Baykan
18 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп, истакна дека земјата со најмногу смртни случаи од новиот вид на коронавирус, Ковид-19, не се Соединетите Американски Држави (САД), туку Кина, и додаде дека се логични тврдењата дека вирусот е излезен од лабораторија во Вухан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Истакнувајќи дека го поддржува протестот во некои држави за укинување на мерките против вирусот, Трамп рече: „Мерките преземени од некои држави се премногу строги. Не зборувам за инструкциите да се остане дома, туку за тоа дека некои држави преземаат многу радикални мерки.“
Трамп на прес-конференцијата одржана во Белата куќа беше запрашан за неговата изјава на Твитер, во врска со Кина, во која вели: „Всушност, смртните случаи се далеку од она што се кажува, таму [Кина] има повеќе смртни случаи отколку во САД. САД дури и не можат да им се приближат на Кина.“
Потсетувајќи дека Кина е земја од која потекнува вирусот и дека нејзиното население е многу побројно, Трамп рече: „Ние не сме земја која има најмногу смртни случаи од коронавирусот, тоа треба да е Кина. Знаете, вирусот најпрвин се појави таму. Кина е многу голема земја и имаше големи проблеми. Денеска го ревидираа бројот на смртни случаи, но само за Вухан. За надвор од Вухан многу не зборуваат.“
- „184 земји страдаат од овој вирус“ -
Во врска со тврдењата дека коронавирусот излегол од лабораторија во Вухан, Трамп нагласи: „Ние го истражуваме ова прашање, но во моментот тоа тврдење има логика. Велат дека вирусот е пренесен од некој вид на лилјак, но тој лилјак не се продава на пазарот во Вухан. Се наоѓа на 40 милји подалеку. Се случуваат многу чудни работи. Ќе истражуваме и ќе видиме.“
Истакнувајќи дека вирусот е раширен од Кина, Трамп рече: „Сега 184 земји страдаат од овој вирус. Ова е многу лошо. Кога за првпат се појави вирусот, можеше да се реши многу лесно.“
Администрацијата на градот Вухан, во кинеската покраина Хубеи, каде што за првпат е регистриран Ковид-19, вчера го ревидираше бројот на смртни случаи од коронавирусот.
Оттаму соопштија дека на смртните случаи од Ковид-19 во градот додаваат уште 1.290 лица, со што вкупната бројка се зголеми на 2.579.
Со тоа, според официјалните податоци на Кина, бројот на починати од Ковид-19 низ целата земја достигна 4.632.