Rania R.a. Abushamala
05 Јуни 2024•Ажурирај: 06 Јуни 2024
БЕЈРУТ (АА) - Лидерот на Хамас, Осама Хамдан, изјави дека неговата група нема да потпише никаков договор за размена на затвореници со Израел без целосно завршување на израелската војна и целосно повлекување на војниците од Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Говорејќи на прес-конференција во либанскиот главен град Бејрут, Хамдан ги повика посредниците „да добијат јасен одговор од Израел кој потврдува дека се согласува со траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа“.
Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека Израел претставил трифазен договор за ставање крај на непријателствата во Газа и за ослободување на заробениците во палестинската енклава. Планот вклучува прекин на огнот, размена на затвореници и обнова на Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот изјави дека „не е подготвен да ја запре“ војната во Газа.
Неговите коалициски партнери, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрич, се заканија дека ќе ја соборат Владата доколку Нетанјаху се согласи со планот на Бајден за прекин на огнот.
Израел ја продолжува бруталната офанзива врз Појасот Гаа и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Повеќе од 36.500 Палестинци се убиени во Газа, огромно мнозинство жени и деца, а речиси 83.000 се повредени, според локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, каде што засолниште од војната најдоа над еден милион Палестинци.