Fayez Abdulsalam
05 Јуни 2024•Ажурирај: 05 Јуни 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 15 Палестинци се убиени, а десетици се ранети во вчерашните израелски воздушни напади на бегалските кампови Ал Бурејџ и Ал Магази во централниот дел на Појасот Газа, соопшти вчера Министерството за здравство во Газа, пренесува Анадолу.
„Израелската окупација изврши нови масакри во камповите Ал Бурејџ и Ал Магази, при што болницата Загинатите херои на Ал Акса прими 15 убиени и десетици ранети Палестинци во период од еден час“, рече портпаролот на Министерството.
„Оваа установа е единствената болница која во моментов дава здравствени услуги за повеќе од милион луѓе, а нејзиниот клинички капацитет не може да поднесе повеќе убиени и ранети во екот на израелската сериозна агресија врз цивилите, децата и жените“, се наведува во соопштението.
Потврдено е дека бројката на ранети и повредени во некои медицински оддели делумно ги надминува болничките капацитети за повеќе од 3 пати.
„Ја повикуваме меѓународната заедница и сите меѓународни организации на сите слободни земји од светот веднаш и итно да распоредат мобилни болници и медицински тимови за да се спаси здравствената ситуација во Појасот Газа и да се контролира ситуацијата на десетици илјади ранети на кои им се заканува смрт“, се наведува во соопштението.