Nour Mahd Ali Abu Aisha,Hacer Başer
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
ГАЗА (АА) - Шефот на Политичкото биро на Хамас, Исмаил Хание, предупреди на последиците од повторното спроведување на политиката на Израел за извршување атентати врз водачите на палестинските групи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писмената изјава на советникот за медиумите на Хание, Тахир ен-Нуну, шефот на Политичкото биро на Хамас испратил порака до лидерите на некои земји.
Во својата порака Хание истакна: „Со нас заедно ги следите изјавите на окупациската администрација за плановите за атентати на лидерите на Хамас, со кои е зголемена тензијата. Одговорот на секој атентат ќе биде поголем отколку што некој може да го замисли.“
Барајќи од овие земји да ја пренесат пораката до Израел, лидерот на Хамас истакна дека истата порака ќе биде пренесена и до властите во арапските, исламските земји и меѓународната заедница за да можат да ги исполнат своите одговорности кон политиката на Израел во регионот.
Во вчерашната вест на државниот канал КАН, која се базира на неименувани високи воени извори од Израелската армија, беше наведено: „Израелската армија сѐ уште како опции ги гледа атентатите врз Јахја ес-Синвар, водачот на Хамас во Газа и Мухамед ед-Дајф, командантот на Бригадите „Изедин ал Касам“, военото крило на движењето. Сепак, треба да се земе предвид дека тоа ќе предизвика реакции.“