Ata Ufuk Şeker
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) – Европската Унија (ЕУ) се подготвува на Украина да ѝ даде дополнителни 9 милијарди евра финансиска поддршка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција во Брисел истакна дека на Украина ќе ѝ се даде нова поддршка.
„Украина на фронтот ги брани европските вредности“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека тие ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
Фон дер Лајен, наведувајќи дека сакаат на Украина да ѝ обезбедат финансии на краток рок, рече: „Нудиме нова макрофинансиска помош за Украина до 9 милијарди евра во 2022 година.“
Посочувајќи дека ова е исклучителна поддршка, Фон дер Лајен додаде дека треба да се планира обновата на земјата.
Таа исто така рече дека ЕУ има одговорност да ги води напорите за обнова на земјата.
Истакнувајќи дека предложиле да се воспостави платформа со која ќе управуваат Украина и Комисијата на ЕУ за реконструкција, претседателката на ЕК нагласи дека оваа платформа ќе ги обедини земјите, меѓународните донатори, меѓународните финансиски институции и другите партнери кои ќе придонесат за изградба на Украина.
Меѓу другото, Фон дер Лајен укажа на важноста од спроведување инвестиции заедно со реформите во обновата на Украина и нагласи дека само придонесот на ЕУ не е доволен и дека треба во процесот да учествуваат и други.
За да се имплементира пакетот помош, потребно е одобрение од Европскиот парламент (ЕП) и од Европскиот совет.
ЕУ може да обезбеди макрофинансиска поддршка на земјите во нејзина непосредна близина во време на економска криза.
Финансиската помош на ЕУ вклучува многу поповолни услови за плаќање од заемите што вообичаено некоја земја може да ги добие од другите институции.