Necva Taştan Sevinç
27 Февруари 2026•Ажурирај: 27 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Француските обвинители отворија истрага откако здравствените власти денес потврдија присуство на токсинот цереулид кај бебе хоспитализирано по консумирање адаптирано млеко, кое неодамна почна да се повлекува од пазарот, јавува Анадолу.
Генералната дирекција за здравство (ДГС) соопшти дека добила „прв резултат од анализа на измет позитивен на токсинот цереулид“, што е прва потврдена детекција на овој токсин кај хоспитализирано новороденче во Франција, објави телевизијата БФМТВ.
Сепак, надлежните предупредија дека наодот не претставува директна причинско-последична врска меѓу производот и здравствената состојба на детето.
Случајот е забележан во време на поширока здравствена загриженост поврзана со адаптираното млеко што беше повлечено од пазарот во Франција и во други европски земји.
Кризниот центар при Министерството за здравство тогаш соопшти: „Три пријави за смрт на новороденчиња им се доставени на француските здравствени власти.“
Случаите се однесуваат на деца за кои било пријавено дека консумирале адаптирано млеко што било предмет на повлекување.
Претходно беа пријавени два смртни случаја на 23 декември и на 8 јануари.
„Досега не е научно утврдена причинско-последична врска. Во тек се судски истраги во врска со овие пријави“, соопшти тогаш кризниот центар.
Од крајот на 2025 година повеќе брендови, меѓу кои и Нестле и Данон, започнаа доброволно да ги повлекуваат своите производи во Франција и во други земји поради сомнение за можно присуство на церeулид – токсин создаден од одредени бактерии што може да предизвика сериозни гастроинтестинални симптоми.