İlayda Çakırtekin
06 Октомври 2025•Ажурирај: 07 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Францускиот премиер Себастијан Лекорну денес поднесе оставка до претседателот Емануел Макрон поради растечките критики за неодамна објавениот Кабинет, пренесува Анадолу.
Макрон ја прифати оставката на Лекорну, објави телевизијата БФМ ТВ, повикувајќи се на Елисејската палата.
Оставката на Лекорну дојде веднаш откако тој ја претстави новата Влада со претежно исти имиња како онаа што се распадна на 8 септември.
Неговиот Кабинет веднаш почна да привлекува критики од опозициските партии.
„Изборот да се задржи оваа Влада непроменета, зачинета со човекот што ја банкротира Франција, е патетичен“, истакна лидерката на крајно десничарскиот Национален собир, Марин ле Пен, на американската компанија за социјални медиуми X.
Лидерката на зелените, Марин Тонделиер, истакна дека „презирот на макронистите кон демократијата достигнува ново ниво“, дополнително критикувајќи го враќањето на Бруно ле Мер во Владата.
Лидерот на социјалистичката група, Борис Вало, исто така, рече дека „тврдоглавоста на макронистите ја турка земјата уште подлабоко во хаос секој ден“.
Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Бруно Рејто објави дека за денес свикува стратегиски комитет на републиканците по „политичката ситуација создадена“ со новата објава за оставката.
„Составот на Владата не го одразува ветеното“, напиша тој на X.
Според новиот Кабинет на Лекорну, Роланд Лескир, член на партијата на Макрон и поранешен министер за индустрија, го замени Ерик Ломбард како министер за финансии.
Поранешниот министер за финансии Бруно ле Мер се врати во Владата, преземајќи го Министерството за одбрана, претходно водено од Лекорну.
Во новиот Кабинет на Лекорну беа вклучени и Ерик Верт како министер за територијална организација и децентрализација, Наима Мучу како министерка за трансформација и јавна акција, вештачка интелигенција и дигитална технологија, Матие Лефевр како министер за односи со Парламентот и Марина Ферари како министерка за спорт, млади и живот во заедницата.
Меѓу оние што останаа на своите позиции беа министерот за внатрешни работи Рејло, министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро, министерката за образование Елизабет Борн, министерот за странски територии Мануел Валс, министерот за правда Џералд Дарманин, министерката за труд и здравство Катрин Вотрин, министерката за култура Рашида Дати, министерката за животна средина и биодиверзитет Ањес Пание-Рунаше, министерката за земјоделство и безбедност на храната Ани Женавар, министерката за јавни сметки Амели де Моншален, министерот за транспорт Филип Табаро и министерката за родова еднаквост Ауроре Берж.
Лекорну беше назначен за премиер откако Франсоа Бајру загуби на гласањето за доверба во Националното собрание на 8 септември.
Бајру, кој во јули ја претстави буџетската рамка за 2026 година, бараше поддршка за план за заштеда на речиси 44 милијарди евра како дел од напорите за намалување на зголемениот јавен долг на Франција, кој сега изнесува 115% од нејзиниот БДП.
Франција има еден од најголемите буџетски дефицити во Европската Унија (ЕУ) од 5,8% од БДП.
Преговорите за буџетот се главен извор на тензии во француската политика.
Неуспехот да се постигне договор за буџетот за 2025 година минатата година, исто така, доведе до пад на Владата на Мишел Барние во декември откако левичарските и крајно десничарските партии се обединија зад предлогот за изгласување недоверба.