Пакистанскиот и малезиски премиер разговараа за планот на Трамп за прекин на огнот во Газа
„Заеднички гледаме позитивно на мировната иницијатива од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп“

КАРАЧИ (АА) - Пакистанскиот и малезискиот премиер денес разговараа за низа клучни регионални и глобални прашања, вклучително и за планот за прекин на огнот во Газа на американскиот претседател Доналд Трамп, воспоставувањето мир во Јужна Азија и заедничките напори за борба против тероризмот, јавува Анадолу.
„Заеднички гледаме позитивно на мировната иницијатива од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп“, изјави малезискиот премиер Анвар Ибрахим за време на заедничката прес-конференција со пакистанскиот колега Шехбаз Шариф во Куала Лумпур.
Шариф е во тридневна државна посета на Малезија.
Двајцата лидери разговараа пред прес-конференцијата, објави државната пакистанска телевизија.
„Иако Малезија изразува одредена загриженост, барем во однос на прекинот на непријателствата, запирањето на лудите бомбардирања и убиства од страна на ционистичкиот израелски режим, арапските земји, муслиманските земји и повеќето земји во светот сега зазедоа јасен став“, рече Анвар.
Изразувајќи надеж за мир во енклавата разурната од војна, Анвар рече дека е „исклучително благодарен“ за ставот на Пакистан во врска со прашањето за Газа.
„Нашиот заеднички став во поддршката на оваа мировна иницијатива веројатно дополнително ќе помогне во желбата за постигнување траен мир“, рече тој.
Планот на Трамп од 20 точки вклучува ослободување на сите израелски заложници, распуштање на Хамас, проток на хуманитарна помош во Газа и пренесување на контролата врз енклавата на привремена администрација предводена од палестински технократи и меѓународни експерти.
Во врска со регионалните прашања, Анвар рече дека со Шариф разговарал за воспоставување мир на потконтинентот, како и за заеднички напори за борба против тероризмот.
Шариф, од своја страна, рече дека неговата земја сака „да се здружи“ со Малезија за заемно корисни проекти, што ќе овозможи здружување на експертизата од двете земји.
„Денес сакам јавно да објавам дека Пакистан сака да се здружи со Малезија, не само за да има корист од вашето искуство туку и за да има заеднички вложувања и заемно корисни проекти каде што може да се здружат малезиската и пакистанската експертиза“, рече тој.
Тој рече дека двете страни имале „многу продуктивни дискусии“ за широк спектар прашања што се однесуваат на билатералните односи и други меѓународни прашања.
Шариф додаде дека Пакистан ќе има корист од малезиското искуство во технологијата, вештачката интелигенција и другите области на економски раст каде што Малезија се покажа „извонредно добро“.
Анвар рече дека Куала Лумпур го зголемила увозот на ориз од Пакистан, а имало интерес и за увоз на месо.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.