Ekipa
17 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
ПАРИЗ (АА) - Францускиот парламент вчера го усвои спорниот Предлог-закон за вакцинална пропусница, чија цел е да го ограничи движењето на невакцинираните лица на јавните места, како дел од најновите напори на Владата за справување со Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предлог-законот за кој пратениците гласаа во Долниот дом на Парламентот доби 215 гласови „за“, 58 „против“ и седум воздржани.
Владата на Макрон сè уште нема да може веднаш да го имплементира Законот бидејќи пратениците од опозицијата треба да го достават до Уставниот совет, за негово финално одобрување. Советот може да отфрли одредени спорни одредби откако ќе ги разгледа барањата на пратениците.
Откако Законот ќе стапи на сила, секое лице над 16-годишна возраст ќе мора да приложи потврда за вакцинација за да може да влезе во ресторани, кафулиња, барови, кина или спортски сали, јавен превоз на долги релации или на други преполни јавни места. Негативните антигенски тестови или ПЦР тестови повеќе нема да важат за невакцинираните да можат да имаат пристап на јавни места.
Предлог-законот наиде на жесток отпор и во Горниот и во Долниот дом на Парламентот, пратениците ги критикуваа контроверзните коментари на претседателот Емануел Макрон дека сака да ги „разлути“ невакцинираните со ограничување на нивното движење на јавни места. Тие се прашуваа дали Владата има намера да се бори со здравствената криза или е против слободата на невакцинираните лица.
Според Макрон, ваквиот Предлог-закон за вакцинална пропусница ќе убеди речиси 5,3 милиони лица да се вакцинираат и ќе спречи преоптоварување на здравствениот систем со случаи на Ковид-19.
Меѓу европските земји, Франција има најголем број заразени со Ковид-19 на дневно ниво, во просек 200.000 случаи. Во последните 24 часа регистрирани се 278.129 позитивни лица, а во моментов хоспитализирани се околу 24.887 пациенти.